Истражувањата на овој простор започнале во 1972 - 74 година, кога е сондиран внатрешниот градски бедем. Од неговата внатрешна страна е откриена монументална градба од раноримско време врз која подоцна бил изграден нов објект со мозаичен под, а на крајот од ΙV век или почетокот од V век над него бил изграден источниот градски бедем. Во 1981 година се преземени нови истражувања, но од помал обем. Во старите истражувања објектот се нарекува „Градба со арки“.

ГРАДБА СО АРКИ

Previous Next

Систематските археолошки ископувања се започнати во 2003 година и континуирано траат до 2009 година. Во рамки на овие кампањи истражуваниот простор се нарекува „Римски форум“.

 

Градбата е лоцирана на источната тераса од градот, во непосредна близина на внатрешниот градски бедем.

 

Со истражувањата се констатирани повеќе фази, односно обновување на  градбата и подоцнежни преградувања во самиот објект. Среќна околност е што објектот по неговото рушење е целосно напуштен и не е користен како мајдан за градежен материјал. Поради ова, сите делови од архитектонската пластика ги пронаоѓаме на местото каде што паднале во моментот на рушењето.

 

Градбата е подигната на преминот од I во II век н.е. или најдоцна во првата третина од II век. Има правоаголна форма со две апсидални простории, а ѕидовите од тули и камен се разделени со масивни пиластри кои ги красат арки. Ѕидовите од горниот спрат биле изведени идентично. Кратко по изградбата, објектот бил реновиран т.е. пониските зони од ѕидовите биле украсени со релјефи од розев и бел мермер, додека повисоките делови добиле фреско и штуко декорација. Подовите во апсидалните простории биле изведени во техника opus sectile со плочи од розев и зеленикав мермер. Нишите во овие простории биле украсени со фрески и во нив стоеле позлатени скулптури. Помеѓу апсидалните простории се наоѓа влезот во објектот.

 

Градбата сигурно била вон употреба на почетокот од IV век кога во внатрешноста е изградена цистерна и канал кој се поврзува со Малата бања на запад. Преминот од централната просторија кон апсидалните бил затворен, а над влезот била поставена градба со масивни скалила која е многу лошо сочувана и се претпоставува дека е помал пагански храм. Кон крајот од IV век градбите на просторот биле вон функција и тука биле погребувани некои од граѓаните на Стоби. Некаде во првата половина од VI век паднал и вториот спрат од оригиналната градба, а над сето тоа се документирани и траги од поплава.  

 

Објектот сé уште не комплетно истражен, но очигледно е дека станува збор за величествена јавна градба која би можела да биде подигната единствено во близина на градскиот форум. 

Aрхеолошки лексикон

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026