Новости

Работилници за конзервација на керамика и мозаици

јуни, 19 2013 | Ioannes Stobaeus

 

Во периодот помеѓу 15-ти и 29-ти јуни во Стоби ќе се одржат интернационални работилници за конзервација на керамички садови и мозаици како резултат на партнерството помеѓу НУ Стоби и фондацијата Балканско наследство. На локалитетот пристигнаа деветнаесет учесници од различни делови на светот кои ќе се запознаат со повеќе аспекти на конзервацијата. Во работилницата за конзервација и документација на керамика првата седмица ќе се изучува фотографирање и исцртување на различни садови и фрагменти, а ќе бидат конзервирани и современи садови кои намерно се скршени за потребите на обуката. Во текот на втората седмица учесниците ќе имаат можност да конзервираат автентични римски чаши и чинии. Работата се одвива под надзор на конзерваторите Нина Турлакова и Билјана Јанкуловска, а во тимот се вклучени и Калина Стојанова од Балканско наследство и Јован Радњански од НУ Стоби.

 

Учесниците во работилницата за документација и конзервација на римски мозаици најпрво ќе документираат оштетен сегмент од мозаикот во северниот коридор на Теодосијанската палата, а потоа ќе бидат вклучени во процесот на конзервација на мозаикот од Старата епископска базилика кој опфаќа чистење на старата подлога и фиксирање на алуминиумско саќе. Работилницата ја координира Драган Верговски Алпи од Националниот конзерваторски центар, а во стручниот тим се вклучени и Ангела Пенчева од Балканско наследство, Димитар Николовски од НУ Стоби, Џулиано Лауцовски Верговски и Мишко Тутковски. 

 

 По завршувањето на проектот во јуни, соработката помеѓу НУ Стоби и Балканско наследство продолжува во август со организирањето на теренската школа за археологија.      

© 2010 Stobi | Powered by Seavus

Контактирајте нè на +389 43 251 026